Skip to main content
Македонија

Влада: Авионот е користен согласно прописите

17/02/2026  12:30

Јавно и недвосмислено укажуваме дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, согласно Правилникот за условите и начинот на користење на истиот. Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола. Ниту една активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба.

Ова се наведува во последното соопштение од прес службата на Владата.

„Особено е симптоматично што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер. Јавноста добро знае дека истиот воздухоплов беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани.

Загрижува фактот што истата политичка структура која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања кои останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш, во тоа време од патувањата со владиниот авион гледавме фотографии и изјави со кои се манипулираше јавноста.

Денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија. Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби“ велат од Владата.

Оттаму додаваат дека Владата останува цврсто посветена на принципите на законитост, отчетност и транспарентност.