Skip to main content
Македонија

Јубилеј на ЗНМ: 80 години борба за медиумски слободи и професионални стандарди

17/02/2026  09:15

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) вечерва со свеченост во Македонската опера и балет ќе го одбележи значајниот јубилеј – 80 години од своето основање. Настанот ќе биде посветен на одбележување на долгогодишната улога на организацијата во заштитата на новинарската професија, слободата на изразување и јавниот интерес.

Во рамки на свеченоста ќе бидат доделени традиционалните годишни награди на ЗНМ. Меѓу нив се наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело, наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство за 2025 година, како и наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење.

Од ЗНМ посочуваат дека јубилејот претставува можност за ретроспектива на осум децении организирано новинарско делување во земјата, период во кој здружението активно работи на унапредување на професионалните стандарди, заштита на правата на новинарите и медиумските работници, како и на унапредување на медиумските слободи.

Низ својата историја, ЗНМ се позиционира како професионална организација која реагира на притисоци и закани кон новинарите, учествува во креирање политики поврзани со медиумската сфера и се залага за почитување на етичките принципи во новинарството.

Свеченоста во МОБ се очекува да собере претставници од медиумската заедница, институциите, граѓанскиот сектор и меѓународни партнери, при што настанот ќе има и симболична димензија – одбележување на континуитетот и значењето на организираното новинарско делување во Македонија во изминатите 80 години.