
Запален е автомобилот на познатиот српски јутјубер Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе. Според фотографиите објавени во јавноста, предниот дел од возилото е целосно изгорен, објави 4news.mk.
Илиќ веднаш ја сподели информацијата на својот Инстаграм профил, каде кратко напиша: „RIP Брабус, 2023 – 2026“, алудирајќи на уништувањето на луксузното возило.
Засега не е познато како и зошто дошло до инцидентот, ниту дали станува збор за несреќен случај или намерно подметнат пожар. Очекувањата се надлежните институции да утврдат повеќе детали во наредниот период.
Станува збор за модел BRABUS 800 4×4², еден од најексклузивните и највпечатливи SUV проекти во светот. Возилото се издвојува по екстравагантниот изглед и целосно портокаловиот ентериер, изработен од рачно зашиена кожа, карбонски детали и персонализирани BRABUS елементи, кои кабината ја претвораат во вистински луксузен салон.
Цената на ваквите индивидуално конфигурирани примероци обично надминува 450.000 евра, а со дополнителна персонализација може да достигне и над 500.000 евра. Според самиот Илиќ, автомобилот бил единствен од ваков вид, без друг идентичен примерок во светот.


