Skip to main content
Македонија

Миноски: Македонија нема проблем со луѓето, туку со системот

15/02/2026  19:02

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во подолг фејсбук статус се осврна на историскиот пример на античката кинеска држава Чин, посочувајќи дека реформите кои довеле до создавање на првата кинеска империја се пример како се гради силна и функционална држава, но и лекција што, според него, е применлива и за Македонија.

Миноски објаснува дека во периодот на Завојуваните држави, Чин била периферна и потценувана држава, која преку длабоки реформи успеала да се трансформира во најсилна сила во регионот. Владетелот Сјао-гун, свесен дека државата не може да опстане со феудалниот поредок, го ангажирал реформаторот Шенг Јанг, кој во период од околу две децении спровел коренити промени.

Во центарот на реформите било владеењето на правото – законот станал обврзувачки за сите, без разлика на потекло, титула или богатство, а наследените привилегии биле укинати. Паралелно биле спроведени аграрни, воени и административни реформи, со што Чин станала економски и воено најсилната држава и во 221 година п.н.е. ја обединила Кина под власта на Чин Ши Хуанг.

Иако Шенг Јанг подоцна бил погубен, системот што го воспоставил продолжил да функционира, што, според Миноски, покажува дека силната држава не се темели на поединци, туку на правила и институции што важат за сите.

Во вториот дел од објавата, Миноски прави паралела со Македонија, нагласувајќи дека главниот проблем во државата не е недостатокот на способни или чесни луѓе, туку недостигот од стабилен систем кој ќе овозможи тие да дојдат до израз. Според него, Македонија со години се соочува со селективна примена на законите, политичко влијание врз институциите и недоверба на граѓаните во правниот систем.

Тој оценува дека без вистинско владеење на правото нема економски развој, ниту стабилни институции, бидејќи инвеститорите, стопанството и граѓаните можат да функционираат само во предвидлива правна средина. Како што посочува, неопходни се храбри и суштински реформи што ќе создадат систем во кој законот ќе важи еднакво за сите, а одговорноста ќе биде правило, а не исклучок.

„Нашиот проблем не е во недостаток на знаење или луѓе, туку во отсуството на систем во кој способните ќе бидат на вистинските места. Без владеење на правото нема силна и просперитетна држава“, наведува Миноски во објавата