Skip to main content
Култура

Почина актерката Ленче Делова

15/02/2026  18:03

Од Драмскиот театар Скопје објавија дека починала актерката Ленче Делова.

„Со длабока тага и неверување ја примивме веста дека почина нашата драга колешка и актерка, Ленче Делова. Нејзиниот талент, топлина и насмевка ќе останат засекогаш во нашите срца и спомени. Театарот загуби уметник, а ние – пријател и прекрасен човек. Почивај во мир. Искрено сочувство до семејството и најблиските“ – објавија од Театарот.

Родена во Скопје на 15 јуни 1948 година, Делова беше нераскинлив дел од историјата на Драмскиот театар. На оваа сцена започнала во 1964 година како аматер, а од 1970 година па сè до нејзиното пензионирање во 2013 година, беше дел од професионалниот ансамбл.

Делова играше во 60-тина претстави во Драмски театар, од првата „Џон Пиплфокс“ од Душан Радовиќ во 1965, преку „Макбет“ на Шекспир, „Вишновата градина“ на Чехов, до „Чија си“ на Сашко Насев во 2013. Глумеше и во над 30-тина филмови, ТВ-филмови и серии, меѓу кои и во „Детективи“, „Илинден“, „Диво месо“, „Солунски патрдии“, „Чук Чук Стојанче“, „Тврдокорни“, „Еурека“, „Тетовирање“, „Болва в уво“, „Опстанок“, „Чернодрински се враќа дома“, „Пред дождот“, „Во светот на бајките“, Македонски народни приказни“,  „Светот има осум страни“, „Од денес за утре“, „Турни ме да Кинисам“ и „До балчак“.

Делова беше добитник на највисоките државни и фестивалски признанија: наградата „13 Октомври“ за улогата на Офелија во „Хамлет“, наградата за најдобра актерка за улогата на Трајанка во „Ни ќар – ни зијан“ и наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во 2006 година.