Skip to main content
Свет

Црвен аларм за поплави на југозападот од Франција

15/02/2026  08:10

Југозападниот дел на Франција денеска е ставен под највисок степен на метео-предупредување поради сериозен ризик од поплави, додека во уште 28 департмани е активиран портокалов аларм за неповолни временски услови.

Според информациите објавени од BFM TV, повикувајќи се на агенцијата Танјуг, црвениот аларм е прогласен во департманите Жиронда и Ло-е-Гарон. Во овие подрачја постои зголемена опасност од излевање на реките и поплавување на населени места, поради што надлежните служби се во состојба на зголемена готовност.

Во меѓувреме, портокалово предупредување за лавини е издадено за департманите Источни Пиренеи, Горни Пиренеи, Горна Гарона и Арјеж, каде што временските услови дополнително ја зголемуваат опасноста во планинските предели.

Покрај тоа, повеќе северни и централни области, меѓу кои Ивлин, Оаз, Ена, Вал д’Оаз, Сома, Па-де-Кале, Нор, Сена и Марна, Горна Марна, Кот д’Ор и Есон, се соочуваат со портокалов аларм поради снег и мраз. Се предупредува дека ваквите услови може да предизвикаат потешкотии во сообраќајот и нарушување на секојдневните активности.

Француските власти упатија апел до граѓаните редовно да ги следат официјалните информации и да се воздржат од непотребни патувања во загрозените подрачја, додека службите за итна помош и спасување остануваат во состојба на зголемена подготвеност.