Skip to main content
Македонија

Чести и обилни врнежи, силен ветер а од ноќта кон понеделник заладување и снег

12/02/2026  10:23

Метео анализа на Славчо Попоски:

Територијата на Македонија останува постојано да биде под влијание на длабока циклонска активност со центар над Џеновскиот залив  и истата постојано се обновува  и во следните денови ќе условува да имаме нови врнежи од дожд во Македонија  кои повремено ќе бидат обилни и проследени со засилен до силен најпрвин јужен ветер. За време на викендот врнежите локално ќе бидат проследени и со појава на грмежи.

И во Скопје исто така продолжува променливото време со повремени врнежи од дожд кои пообилни ќе бидат за време на викендот кога ќе дува засилен до повремено силен ветер од јужен и од југоисточен правец.

На повисоките планини со надморска височина од над 1400/1500 метри врнежите ќе бидат од снег.

Температурите до недела 15 февруари ќе бидат во пораст  и над просекот за овој период од годината па така тие речиси насекаде ќе бидат над 10 степени а на повеќе места тие ќе се искачат  и до околу 15 степени. Во Повардарието и во југоисточните предели температурата за време на викендот очекувам да се искачи дури до близу 20 степени.

Поради продор на ладен бран од север во текот на ноќта недела кон понеделник 15/16 февруари и во понеделник 16 февруари 2026 ќе настапи нагло заладување на времето со повремено засилен ветер од северен правец а врнежите од дожд освен во повисоките населени места ќе преминат во врнежи од снег  и во дел од градовите особено во западните  и во северните предели од Македонија.