Skip to main content
Балкан

Голема полициска акција во Србија: Снајпер, експлозив и 8 килограми кокаин кај осомничени

11/02/2026  10:21

Во обемна акција спроведена од Одделот за криминалистичка полиција, Полициската управа за градот Белград и Вишото јавно обвинителство, синоќа во српската престолнина се приведени три лица осомничени за трговија со наркотични средства и неовластено поседување оружје и експлозивни направи, потврдија за „Телеграф.рс“.

За време на акцијата полицијата запленила околу осум килограми кокаин со висока чистота, чија пазарна вредност се проценува на десетици илјади евра. Сепак, вниманието на истражителите го привлекол и арсеналот на оружје и специјална опрема пронајдени кај осомничените, што според првичните информации упатува на можност дека групата подготвувала и потешки кривични дела.

При претресите на локациите што ги користеле приведените, покрај наркотиците биле пронајдени и два килограми експлозив, неколку рачни гранати, снајперска пушка со придружна опрема, силиконски маски за прикривање на идентитетот, како и специјална опрема меѓу која микро камери, дрон и полициски ознаки.

Извори блиски до истрагата наведуваат дека ваквата опрема укажува на високо организирана криминална група, а не само на класична трговија со дрога.

По наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, осомничените се задржани во притвор до 48 часа, по што ќе бидат изведени на сослушување. Истрагата продолжува со цел да се утврди дали групата е поврзана со претходни криминални активности или евентуално планирани ликвидации во регионот.