Skip to main content
Македонија

Ристески на трилатералната конференција „Зајакнати – развој на политики за вклучување на лица со попреченост”

04/02/2026  16:52

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески денес учествуваше на трилатерална конференција “ЗАЈАКНАТИ – развој на политики за вклучување на лица со попреченост” која е во организација на Здружението „Институт за развој на заедницата“, во соработка со Германската асоцијација Arbeiter-Samariter-Bund за Југоисточна Европа, Преда Плус Фондација и АДРФ (Albanian Disability Rights Foundation).

На конференцијата учество зедоа претставници од Македонија, Албанија и Косово од граѓанскиот сектор, националните и локалните власти, претставници на приватниот сектор и меѓународни тела, каде се дискутираше за можностите за зајакнување на соработката за сеопфатна и суштинска инклузија на лицата со попреченост во општеството.

Заменик-министерот Ристески се осврна на политиките и мерките кои ги спроведува министерството за економија и труд за поддршка за вработување на лицата со попреченост, а главните активности се реализираат преку Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот.

– Оперативниот план е сеопфатен документ каде негови основни начела се принципите за диверзитет и инклузивност согласно принципите на правична и адекватна застапеност, во рамки на стандардите и практиките на Обединетите нации и Меѓународната организација на трудот. Преку овој оперативен план ние нудиме повеќе мерки, а најважна е мерката „Поддршка за вработување на лица со попреченост“ каде секоја година доделуваме финансиски средства за поддршка за вработување на лица со попреченост, адаптација на работните места и набавка на опрема за олеснување на нивното вршење на работните задачи, и многу други мерки – кажа Ристески.

Заменик-министерот Ристески додаде дека клучни принципи во создавањето на националните политики мора да се праведноста и инклузивноста, бидејќи само така ќе креираме општество и економија кои овозможуваат еднакви можности, фер услови за работа, како и полесен пристап до пазарот на труд за сите.