Skip to main content
Македонија

Протести поради измените во Законот за сообраќај во Кочани и на патот Битола–Ресен

03/02/2026  19:09

Попладнево се одржаа два одделни протести во различни делови од земјава, кои предизвикаа нарушувања на јавниот ред и сериозни проблеми во сообраќајот.

Во кочанската населба Трајаново Трло, во Кочани, граѓани излегоа на протест поради новиот закон за одземање возила управувани без возачка дозвола. За време на собирот беа запалени гуми на улицата „Цветан Димов“, што предизвика кратка, но тензична интервенција на надлежните служби. Пожарникарите и полициските екипи брзо реагираа, го изгаснаа огнот и го прекинаа протестот. Надлежните институции најавуваат соодветна постапка, оценувајќи дека ваквиот начин на искажување револт претставува нарушување на јавниот ред и мир и кривично дело.

Истовремено, околу 200 граѓани го блокираа патниот правец Битола–Ресен, предизвикувајќи целосен прекин на сообраќајот во двата правци. Блокадата беше поставена кај местото познато како Ромска населба, со палење и поставување гуми на коловозот. Протестот е реакција на одземањето на три возила од страна на полицијата, по што демонстрантите го изразија своето незадоволство од измените во Законот за сообраќај.

Поради блокадата, возачите се принудени да користат алтернативни патни правци, а на терен се присутни полициски екипи кои го регулираат сообраќајот и се грижат за безбедноста на учесниците и останатите граѓани.