Skip to main content
Балкан

Снежно невреме ги затвори училиштата во Грција

02/02/2026  10:54

Силно невреме ја зафати Грција, при што обилните снежни врнежи и мраз доведоа до затворање на училиштата во делови од Тракија, како и до сериозни проблеми во сообраќајот. Властите соопштија дека наставата во одредени општини ќе се одвива онлајн, поради безбедносни причини.

Според информациите објавени од грчкиот јавен сервис ERT, училиштата во повеќе области на Тракија остануваат затворени поради снег и заледени коловози, а локалните власти одлучија наставниот процес привремено да се префрли на далечинско учење.

Проблеми се забележани и во планинските делови на северна Грција. Во ски-центарот Лајлија, во близина на Серес, околу 15 возила со часови биле заглавени на патот, откако возачите не користеле задолжителни синџири за снег, пренесуваат грчките медиуми.

Метеоролошките служби предупредуваат дека невремето ќе продолжи и во текот на денот, со обилни дождови, локално силни снежни врнежи и засилени ветрови. Најпогодени се регионите на Источниот Егеј, Крит и Тракија, каде се очекува дополнително опаѓање на температурите и отежнати услови за сообраќај.

Грчките власти апелираат граѓаните да ги следат официјалните соопштенија, да избегнуваат непотребни патувања и да ја почитуваат обврската за зимска опрема во погодените подрачја. Засега нема информации за сериозни повреди, но службите остануваат во зголемена подготвеност.