
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување во дневникот на Македонската национална телевизија појасни како ќе се применуваат санкциите во рамки на системот „Безбеден град”, особено во однос на повеќекратни прекршоци и можноста за доброволно плаќање на казните.
Тој истакна дека законската регулатива предвидува јасни механизми за санкционирање, при што секој возач може да направи прекршок, но сериозното и значително надминување на дозволената брзина повлекува построги последици.
„Доколку на пример на место каде што е дозволена брзина од 50 километри на час возачот управува со над 90 километри на час, се изрекува и забрана за управување со моторно возило. Тоа значи дека во одреден временски период лицето нема да може да управува ниту со сопственото, ниту со друго возило од таа категорија”, појасни Тошковски.
Министерот нагласи дека системот предвидува можност за доброволно прифаќање на одговорноста, што носи одредени поволности за граѓаните. Доколку казната се плати во рок од осум дена, се плаќа половина од износот. Дополнително, доколку во рок од 16 дена Граѓанинот ја плати казната и го признае прекршокот, Министерството може да изрече забрана за управување под законскиот минимум.
„Ако, согласно закон, за одреден прекршок е предвидена забрана за управување од минимум три месеци, во случај на доброволно прифаќање и плаќање, таа забрана може да биде намалена, на пример на 45 дена. Ова го воведовме за да ги мотивираме граѓаните кога постојат јасни докази да не одат во долги судски постапки”, рече Тошковски.
Тој додаде дека системот „Безбеден град” работи со видео записи и фотографии како докази, што овозможува висока точност во утврдувањето на прекршоците. Граѓаните, сепак, имаат право да поведат судска постапка доколку сметаат дека тоа е потребно, но во таков случај не може да се применат поволностите за намалување на санкциите под законскиот минимум.
„Целта не е казнување по секоја цена, туку поголема одговорност во сообраќајот. Оние што прават сериозни прекршоци ќе сносат последици, а системот е поставен така што пред сè треба да придонесе кон заштита на човечки животи”, истакна министерот Тошковски.
Проектот „Безбеден град” претставува клучен чекор во зголемување на сообраќајната дисциплина, дигитализација на постапките и јакнење на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
