Skip to main content
Свет

Трамп: Индија ќе купува нафта од Венецуела наместо од Иран

01/02/2026  10:01

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Индија ќе купува нафта од Венецуела, наместо од Иран.

– Веќе го постигнавме тој договор, концептот на договорот, изјави Трамп пред новинарите во авионот „Ер Форс Уан“, додека патуваше од Вашингтон кон својот имот во Флорида.

Претходно, медиумите јавија дека САД му соопштиле на Њу Делхи дека Индија наскоро би можела да продолжи со купување венецуелска нафта, со цел да се помогне во ограничувањето на рускиот извоз на нафта, повикувајќи се на три извори запознаени со ова прашање.

Индија не увезуваше значителни количини иранска нафта поради американските санкции, но стана еден од најголемите купувачи на руска нафта откако руската инвазија врз Украина во 2022 година доведе до западни санкции што ја намалија нејзината цена.

Трамп во август ги удвои царините за увоз од Индија на 50 проценти, со цел да изврши притисок врз Њу Делхи да престане да купува руска нафта, а претходно овој месец изјави дека стапката би можела повторно да се зголеми доколку не се ограничи увозот на руска нафта.

Министерот за финансии Скот Бесент во јануари сигнализираше дека дополнителната царина од 25 проценти на индиската стока би можела да биде укината, поради, како што рече, наглото намалување на индискиот увоз на руска нафта.

Трамп во март 2025 година воведе царина од 25 проценти за земјите што купуваат венецуелска нафта, меѓу кои и Индија.

Американската влада оваа недела укина дел од санкциите кон венецуелската нафтена индустрија за да им олесни на американските компании продажба на венецуелска сурова нафта.

Вчерашните изјавите на Трамп, како што оценуваат аналитичарите, го одразуваат континуираното подобрување на односите меѓу САД и Индија, кои беа затегнати во текот на изминатата година.

Трамп додаде дека и Кина би можела да постигне договор со САД за купување венецуелска нафта.

– Кина е добредојдена и би можела да постигне одличен договор за нафта, рече Трамп, без да изнесе дополнителни детали.