
На денешната седница Владата донесе низа значајни и суштински одлуки кои јасно ја потврдуваат нашата определба и конкретната посветеност кон исполнување на обврските од процесот на пристапување во Европската Унија, но и кон заштита на јавниот интерес и демократските вредности, кажа на прес-конференција владиниот портпарол, Марија Митева.
,,Владата денес направи уште еден силен и долгоочекуван чекор во насока на заштита на слободата на изразување и јавниот интерес. Формиравме работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество, тема за која со години зборуваат и бараат новинарите и медиумската заедница.
Ова е јасен сигнал дека оваа Влада има слух, храброст и проактивност да се соочи со суштински прашања. Дополнително, со усвојувањето на Законот за органско земјоделско производство правиме важен исчекор во поддршката на малите земјоделци. Овој закон овозможува олеснета сертификација преку намалување на трошоците за инспекција и сертификација, што директно придонесува за поконкурентен пласман на органските производи на пазарот.
Истовремено, се унапредува и правната рамка со појасни, попрецизни и применливи одредби, усогласени со европските стандарди. Со ова, исполнуваме уште една обврска која произлегува од процесот на пристапување во ЕУ.” – истакна Митева.

