Skip to main content
Македонија

Судскиот совет на итна седница ќе одлучува за имунитетот на судија Ристов

20/01/2026  14:49

Судскиот совет на Република Северна Македонија за денеска (20 јануари 2026 година) закажа итна 535-та седница со почеток во 15:30 часот.

Единствена точка на дневниот ред е расправата и одлучувањето по барањето на Основниот кривичен суд Скопје за одземање на имунитетот на судија и одобрување на предлогот за определување мерка куќен притвор.

Итната седница е закажана по доставениот предлог од Основното јавно обвинителство до Кривичниот суд за определување мерки за обезбедување. Судијата на претходна постапка веднаш го известил Судскиот совет, бидејќи одземањето на имунитетот е законски предуслов за понатамошно постапување по предлогот за куќен притвор.

Случајот се однесува на судијата Ѓоко Ристов, против кого беше отворена истрага по акцијата во Неготино, каде во куќа на неговите родители беа пронајдени околу 350.000 евра сокриени во ѕид. Според достапните информации, судијата официјално се наоѓа на боледување од минатата недела.