
Во првиот дуел на Европското првенство македонската ракометна репрезентација синоќа претрпе убедлив пораз од кодомаќинот Данска со 36:24, а веќе утре го играме можеби клучниот натпревар за пласман во следната фаза – противник ни е Португалија.
По дуелот селекторот Кирил Лазаров изјави дека денешниот тренинг нема да се одржи со цел тимот да биде одморен во пресрет на дуелот со Португалија. Тој се осврна и ѝ на отсуството на двајцата искусни ракометари Никола Митревски и Жарко Пешевски, кои не беа во записникот на дуелот со Данска.
– Причината за нивното отсуство се ситни повреди и во разговор со играчите и медицинските лица и стручниот штаб е донесена одлука да не настапат. Да беа здрави сигурно ќе играа, тие имаат добра сезона и се надевам дека ќе бидат подготвени за неделниот дуел со Португалија, изјави Лазаров.
Нашиот следен ривал шампионатот го почна со победа над Романија со 40:34 во натпревар во кој во целиот тек имаа водство. Натпреварот на македонските и португалските ракометари се игра во недела во Хернинг со почеток во 18 часот
