Skip to main content
Македонија

Хорор во Скопје: Пијан маж ја тепал и давел партнерката, и се заканувал со нож – ја спасиле комшиите

16/01/2026  15:22

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен жител на Скопје, за кого постои основано сомнение дека сторил кривични дела „Телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1 и „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според обвинителството, на 14 јануари осомничениот, во видно алкохолизирана состојба, ја нападнал својата партнерка во домот во скопската населба Гази Баба, каде што таа привремено престојувала. Тој ја удирал по главата и телото, ја давел за вратот, а ѝ се заканувал и со нож, со кој замавнал кон неа.

Жената била спасена од двајца други потстанари во истата куќа, кои ја извлекле од просторијата и веднаш повикале полиција. Кај жртвата биле констатирани повеќе телесни повреди, меѓу кои пукнатина на ребро и на градната коска.

Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради опасност од бегство.