
Со воена свеченост во Командата за обука и доктрини, во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” во Велес, денес заклетва дадоа 296 професионални војници од генерацијата 1- 2025, меѓу кои се и 26 девојки, кои се обучуваат три месеци во Центарот за индивидуална обука (ЦИО) што е дел од КОД.
Министерот Мисајловски во своето обраќање истакна дека заклетвата на професионалните војници не е само формален чин, туку ветување за заштита на државата и граѓаните.
„Со давањето на свечената заклетва вие направивте суштински исчекор во вашите животи. Тоа не се само зборови, туку ветување кое ве поврзува со народот и со татковината, дека токму вие ќе бидете штитот на државата”, рече министерот Мисајловски и додаде дека професионалните војници имаат чест да бидат дел од институцијата која претставува едно големо армиско семејство.

Мисајловски порача дека Министерството за одбрана и Генералштабот продолжуваат заедно да работат на подобрување на условите за работа и унапредување на правата на припадниците на Армијата, со цел создавање силна, мотивирана и професионална Армија, подготвена да одговори на сите предизвици и да ги штити граѓаните и државата.
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во своето обраќање истакна: „Денеска вие ја потврдувате вашата решителност, љубовта кон татковината и интересот за војничката професија и се ставате во служба на нешто што е најсвето, единствено и неповторливо”.

Навраќајќи се кон предизвиците кои ги очекуваат, генералот Лафчиски посочи дека стапувањето во армија на земја членка на НАТО Алијансата е привилегија, додавајќи: „Пред вас се отвораат можности за постојано усовршување, учење од најдобрите, споделување искуства и учество во меѓународни мисии, каде што ќе можете да ги демонстрирате вашите вештини и професионализам, како и да ја презентирате подготвеноста и посветеноста на македонските војници”.

Командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, во оваа прилика посочи: „Со давањето на свечената заклетва, официјално стапувате во активна воена служба и преземате уставна, законска и морална обврска кон Армијата и државата”, потенцирајќи: „Оваа обврска започнува денес и трае во текот на целата ваша војничка кариера”.На денешната заклетва на новопримените професионални војници присуствуваа и заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, како и роднини и членови на семејствата на новопримените професионални војници.


