
Од невладината организација „За почиста Македонија“ објавија дека успешно собрале 1.000 потписи и доставиле петиција за унапредување на „Безбеден град“.
Тие лично до Владата и МВР доставија петицијата со која се предлага, во рамки на понатамошното развивање на системот „Безбеден град“, да се разгледа можноста за да се воведе функционалност за детекција и санкционирање на фрлање отпад од возила.
„Заедно сме погласни. Очекуваме да нè чујат и будно следиме за одговор“, посочија од „За почиста Македонија“.
Претходно побараа од граѓаните да се потпишат, бидејќи, како што рекоа, прво е еколошкото загадување.
„Отпушоците се најчестиот вид отпад пронајден по улици, тротоари и покрај патишта. Еден отпушок содржи токсични материи како никотин, олово, арсен и стотици хемикалии што ја загадуваат почвата и водата. Потребни се и до 10 години за целосно да се разградат, а микро-пластичните влакна од филтерот завршуваат во земјата и реките“, пишува во петицијата.
