Skip to main content
Македонија

Замрзната имиграцијата кон САД од Македонија и уште 74 земји

14/01/2026  20:00

Стејт департментот на Соединетите Американски Држави донесе одлука за привремено замрзнување на обработката на имигрантски визи за државјани од 75 земји, меѓу кои се наоѓа и Македонија. Веста првично ја објави американската мрежа Фокс њуз, повикувајќи се на интерен меморандум доставен до дипломатско-конзуларните претставништва ширум светот. Со документот им се наложува на конзуларните службеници да ги одбиваат апликациите за имигрантски визи врз основа на постојниот закон, сè додека трае ревизијата на процедурите за безбедносна и социјална проверка на кандидатите.

Мерката има цел да спречи влез на лица за кои американските власти проценуваат дека би можеле да станат „јавен товар“, односно да зависат од социјални и државни бенефиции. Суспензијата започнува на 21 јануари и ќе важи на неодредено време, додека не бидат усвоени новите протоколи за обработка на имиграцијата. Одлуката не се однесува на неимигрантските визи, како туристичките, студентските или деловните, кои и натаму ќе се издаваат редовно.

На листата, покрај Македонија, се најдоа и Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, додека Србија не е опфатена со оваа мерка. Вклучени се и Русија, Молдавија, Белорусија, како и голем број држави од Африка, Азија и Латинска Америка. Американските власти најавуваат дека побарувачката за неимигрантски визи во следните години ќе расте, особено поради Светското првенство во фудбал 2026 и Олимписките игри 2028, каде САД ќе бидат домаќини.

Новата директива се темели на одредбата за „јавен товар“ од Законот за имиграција, според која конзуларните службеници добиваат обврска детално да ги проценуваат возраста, здравјето, финансиската состојба, образованието, работните вештини, семејниот статус, познавањето на англискиот јазик, како и евентуалното претходно користење на јавна помош од страна на апликантите. Интервјуата може да се спроведуваат и на англиски јазик, со цел да се процени подготвеноста за интеграција во американското општество.

Имигрантите и досега беа обврзани да поминат медицински преглед кај лекар одобрен од американската амбасада, со проверки за заразни болести, ментално здравје, историја на зависности и задолжителна вакцинација. Новите правила го прошируваат овој процес со проценка на потенцијалната потреба од долгорочна медицинска нега, што дополнително ќе влијае врз конечната одлука за одобрување виза.

Портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, изјави дека институцијата ќе го користи своето законско овластување за да спречи влез на лица кои би ја користеле дарежливоста на американскиот социјален систем. Одредбата за „јавен товар“ постои со децении, но нејзината примена се менувала низ различни администрации. Поранешниот претседател Доналд Трамп во 2019 година ја прошири дефиницијата, дел од мерките беа блокирани од судовите, а подоцна укинати од администрацијата на Џо Бајден. Со најновата директива, Вашингтон најавува ново заострување на контролата врз имиграцијата.