Skip to main content
Магазин

Американска компанија прави резервации за хотел на Месечината, депозитот изнесува еден милион долари

14/01/2026  19:27

Богати авантуристи сега може да резервираат одмор на Месечината преку новоформирана компанија со седиште во Калифорнија, која се стреми кон развивање нови идеи и услуги, а една од нив е и отворање хотел на Месечината до 2032 година.

Компанијата „ГРУ спејс“ (Galactic Resource Utilization Space), основана од дипломираниот студент на Универзитетот „Беркли“, Скајлер Чен, пред два дена ја активира својата веб-страница за резервации и ги откри деталите за архитектурата на хотелот. Луѓето љубители за авантури во вселената, доколку сакаат да бидат сместени во хотел на Месецината, ќе мора да уплатат висок депозит од еден милион долари со цел да бидат меѓу првите посетители на, како што тврди компанијата, „првата трајна вонземска структура“.

Во соопштението на компанијата се наведува дека ќе се користи „сопствен систем на модули за живеење и автоматизиран процес за трансформација на лунарната почва во издржливи структури“. Изградбата се очекува да почне во 2029 година под услов да бидат обезбедени потребните одобренија.

Се очекува меѓу првите клиенти на хотелот да бидат учесници во претходни комерцијални вселенски летови, како и богати авантуристи, кои бараат вонземско искуство за меден месец. Компанијата смета дека туризмот е клучен за развојот на целосна лунарна економија обезбедувајќи „најбрз пат човештвото да стане интерпланетарно“.

– Живееме во пресвртна точка во која навистина можеме да станеме интерпланетарни пред да умреме. Ако успееме, милијарди човечки животи ќе се родат на Месечината и на Марс и ќе може да ја искусат убавината на лунарниот и на марсовскиот живот – изјави Чен во соопштението.

Тој наведе дека обезбедил финансиска поддршка од инвеститори поврзани со компаниите „Спејсекс“ и „Андурил“ (SpaceX и Anduril), фирма што развива автономни одбранбени системи.

Трајната база на Месечината е дел од визијата за проширување на присуството на САД во вселената, предводена од новиот администратор на НАСА, Џаред Ајзекман, со поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп. Тој се надева дека „ГРУ спејс“ ќе има улога во реализацијата на овие планови.

Компанијата објави и документ во кој е опишана стратегијата за проширување на човечкото присуство на Месечината почнувајќи од луксузен хотел и постепено развивајќи поширока населба.