Skip to main content
Скопје

Притвор за 41-годишник од Велес поради семејно насилство врз партнерка во Скопје

10/01/2026  18:58

Jавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе кривична постапка против 41-годишник од Велес со непријавено престојувалиште во Скопје, поради кривично дело телесна повреда, согласно член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Според обвинителството, осомничениот при вршење семејно насилство со умисла ја повредил својата вонбрачна партнерка. Инцидентот се случил додека жртвата ја подготвувала нивната ќерка за градинка. Прво избувнала вербална расправија, а потоа осомничениот со лажица за облекување чевли повеќе пати ја удрил во главата. По ова, жртвата се повлекла во спалната соба, каде осомничениот ја турнал на креветот, го зел нејзиниот мобилен телефон и го фрлил на подот, плукал по лицето на жртвата и со неколку удари со бокс во главата и телото нанел телесни повреди, меѓу кои контузии и хематоми.

Јавниот обвинител посочува дека жртвата претходно го имала пријавено осомничениот за семејно насилство, но подоцна го повлекла предлогот за кривично гонење. Затоа, за обезбедување на присуството на осомничениот за време на кривичната постапка и за заштита од понатамошни насилни дејствија, обвинителството до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.