
Претседателот на Владата на швајцарскиот кантон Вале јавно реагираше со гнев откако беше откриено дека со години не биле спроведувани инспекциски контроли во барот каде во пожар загинаа 40 млади луѓе, додека обвинителството интензивно работи на утврдување на одговорноста.
Градоначалникот на скијачкиот центар Кран-Монтана неделава соопшти дека угостителскиот објект „Ле Констеласион“ немал инспекциски надзор уште од 2019 година. Оваа информација предизвика остра реакција од кантоналниот премиер Матијас Рејнар, кој за весникот Le Temps оцени дека станува збор за сериозен институционален пропуст.
– Бев лут, изјави Рејнар, коментирајќи го отсуството на контроли.
– Поради овие сериозни пропусти. И мислам дека е нормално да се биде лут, но мора да ѝ дозволиме на правдата да си го направи своето, нагласи тој. Во меѓувреме, шефот на кантоналната служба за безбедност изјави дека изолациската пена во подрумот на барот, каде што избувнал пожарот за време на новогодишната прослава, требало редовно да се проверува согласно законските прописи.
Оваа изјава е во спротивност со тврдењата на градоначалникот на Кран-Монтана. Најголемиот дел од настраданите биле тинејџери. Обвинителството во петокот му одреди притвор на Жак Морети, еден од двајцата француски сопственици на барот, а судот во наредниот период треба да одлучи дали ќе му биде изречен и формален притвор. Истражните органи ги сослушуваат сопствениците под сомнение за повеќе кривични дела, меѓу кои и убиство од небрежност. Семејствата на жртвите веќе поднеле тужби поврзани со трагичниот пожар. Партнерката на Морети, Џесика Морети, вчера јавно им се извини на семејствата на жртвите, а двојката соопшти дека е скршена од трагедијата. Во Швајцарија сè погласни се повиците одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата, при што дел од јавноста ја доведува во прашање и одлуката сопствениците толку долго да останат на слобода.
– Одговорните ќе мора да сносат последици, вклучително и надлежните институции, порача Рејнар.
