Skip to main content
Македонија

Полицијата да се распореди на терен, а не само СМС-казни вели Ина Многуфина

10/01/2026  16:03

Инфлуенсерката Ина Многуфина преку свој статус на Фејсбук остро реагираше на состојбата со безбедноста во сообраќајот, нагласувајќи дека СМС-казните од системот „Сејф сити“ не можат да ги спречат трагедиите доколку зад воланот седи неодговорен и несовесен возач.

Во објавата, таа посочува дека технолошките мерки не можат да го надоместат, како што вели, „интелектуалниот дефицит зад воланот“, ниту пак последиците од недостатокот на родителска грижа, кога на деца им се дозволува да управуваат автомобили без возачка дозвола. Како алармантни примери, Многуфина ги наведува последните сообраќајни несреќи во Скопје, при што вчера била прегазена жена во Капиштец, а пешак бил удрен и во Визбегово.

Инфлуенсерката апелира Министерството за внатрешни работи да биде поактивно присутно на терен и да се распореди на улиците, работејќи паралелно со системот „Сејф сити“, наместо да се потпира исклучиво на автоматизираните казни.

Според неа, новите мерки и законски решенија ги почитуваат само луѓе со повисока свест, со желба за подобар живот и функционален систем, додека останатите претставуваат сериозен општествен проблем. „Изгинавме по улици“, порачува Многуфина, нагласувајќи дека е неопходна навремена и решителна реакција за да се спречат нови трагедии.

Нејзиниот став предизвика бројни реакции на социјалните мрежи, каде дел од јавноста се согласи дека, покрај казните и технолошките решенија, клучни се зголеменото полициско присуство и подигнувањето на сообраќајната култура.