
На 9 јануари 2026 година во 19:30 часот, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, во рамки на Регионалниот центар за гранични работи Запад, ги лишиле од слобода Д.К. и Н.С., двајцата од селото Пештани, охридско.
Апсењето е извршено при спроведување зајакнати мерки и контроли во водите на Охридското Езеро, за време на периодот на мрест и важечката забрана за лов на риби од видовите пастрмка, белвица и јагула. Акцијата е реализирана во координација со рибочуварската служба.
Полициските службеници, на околу 100 метри од брегот кај селото Пештани, затекнале чамец во кој се наоѓале двете лица. При извршениот преглед на пловниот објект, биле пронајдени шест рибарски мрежи со вкупна должина од околу 720 метри, како и улов од 585 парчиња риба белвица, со вкупна тежина од 106,8 килограми.
За случајот бил известен јавен обвинител, а по негови насоки, лицата се лишени од слобода и спроведени во Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ за понатамошна постапка.
Пловниот објект, рибарските мрежи и останатите предмети биле одземени. По извршена проценка од стручни лица од Хидробиолошкиот завод – Охрид, било утврдено дека уловот е во фаза на расипување. Согласно насоките од инспектор на Агенцијата за храна и ветеринарство, рибата била предадена на Здружението на ловци Охрид, каде, со полициско присуство и на соодветна локација, била уништена.
Надлежните институции најавуваат дека контролите на Охридското Езеро ќе продолжат со засилен интензитет со цел заштита на рибниот фонд и спречување на нелегалниот риболов.

