
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривичните дела Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Во истиот предмет, уште две лица се осомничени дека му помогнале на сторителот по извршувањето на кривичното дело.
Според обвинителството, осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал до сообраќајните прописи и со своето однесување го загрозил јавниот сообраќај, доведувајќи го во опасност животот на луѓето.
Тој по улицата „Народен Фронт“ управувал патничко возило „Фолксваген Пасат“ и извршил непрописно поместување во лево, навлегувајќи во коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната насока, без да се увери дека тоа може да го стори без опасност за другите учесници. Притоа, возилото го управувал со брзина неприспособена на својствата и состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Дополнително, било утврдено дека автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
Во такви услови, со возилото удрил во пешакот Љуба Јаковлеска, која го преминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот, жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот, без да ѝ укаже помош, веднаш го напуштил местото на настанот. Повредената била пренесена во Ургентниот центар, каде и покрај укажаната медицинска помош, починала.
Во врска со бегството, другите двајца осомничени – маж и жена – му помогнале на возачот да ја напушти државата, превезувајќи го со нивно возило преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по нивното враќање во земјава, а јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притвор е побаран и за осомничениот возач, кој сè уште е во бегство. За него притворската мерка ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а во меѓувреме, врз основа на прибраните докази, ќе биде распишана и меѓународна потерница за негово обезбедување.
