
Американскиот претседател Доналд Трамп се обрати на јавноста преку емисијата „Фокс њуз“ по извршениот напад на Венецуела рано утринава, при што претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа приведени. Трамп изјави дека неколку американски војници се повредиле, но никој не загинал. Тој најави дека САД ќе имаат значајна улога во венецуелската нафтена индустрија и додаде дека минатата недела разговарал со Мадуро, предупредувајќи го да се предаде.
„Моравме да направиме нешто многу попрецизно, многу посилно“, рече Трамп.
Претседателот објасни дека нападот бил планиран уште пред четири дена, но временските услови не биле погодни.
„Времето мора да биде совршено. Одеднаш се разведри и рековме: ајде да одиме“, додаде тој.
Трамп потврди дека Мадуро бил уапсен во куќа која потсетува на тврдина и дека тој и сопругата се однесени во Њујорк. На прашање за поддршка на опозиционерката Марија Корина Мачадо, која моментално е во Норвешка, Трамп рече дека ќе го разгледа тоа. „Венецуела има потпретседател, како што знаете. Не знам какви избори беа тоа, но знаете, изборот на Мадуро беше срамота“, изјави тој. Тој додаде дека ова е јасен сигнал од САД и потенцираше дека Америка губи стотици илјади долари годишно од дрога, што повеќе нема да дозволи.
