
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека Владата продолжува со политиката на линеарно зголемување на пензиите, најавувајќи дека следното покачување пензионерите ќе го добијат во април, со исплатата на мартовската пензија.
„Да, ќе има повторно линеарно зголемување. Последните статистички параметри за нивото на сиромаштија и Џини коефициентот само дополнително ја оправдуваат оваа политика“, изјави Мицкоски.
Премиерот потсети на досегашната динамика на зголемувањата на пензиите, посочувајќи дека во ноември 2024 година и во април 2025 година пензиите беа зголемени за по 2.500 денари, а во ноември 2025 година за дополнителни 1.000 денари.
„Така ќе биде и сега во април, со исплатата на мартовската пензија во 2026 година. Нашата цел е јасна – намалување на нивото на сиромаштија и Џини коефициентот, кој ја мери нерамномерната распределба на приходите“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека во овој сегмент државата бележи одлични резултати. „Во тој поглед сме најдобри во регионот и над европскиот просек“, истакна премиерот.

