
Новогодишната ноќ во Скопје и околината минала со голем број повреди, информираат лекарите од дежурните хируршки служби. Во текот на ноќта биле евидентирани три сообраќајни незгоди, при што околу 20 пациенти со лесни телесни повреди биле прегледани и пуштени на домашно лекување. Една 17-годишна девојка од Тетово била примена со тешка телесна повреда и врз неа веднаш била изведена хируршка интервенција.
Од Клиниката посочуваат дека во Скопје немало тешки сообраќајни незгоди, што делумно се поврзува со функционирањето на системот „Сејф Сити“.
Меѓу пациентите регистрирани се тројца политрауматизирани лица по пад од висина. Меѓу нив е 30-годишен маж, пронајден во реонот на Буњаковец, кој бил во животозагрозувачка состојба. Кај него е извршена операција на ’рбетниот столб и моментално се наоѓа на Клиниката за интензивно лекување. На Неврохирургија е примен и 16-годишен пациент од Штип по пад од висина.
Особено тежок случај е двегодишно дете со непознати лични податоци, примено на интензивна нега со прострелна повреда на главата од огнено оружје. Детето е во животна опасност, а засега нема официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот.
Во текот на ноќта биле евидентирани и осум случаи на физички напади. Шест пациенти со телесни повреди се пуштени на домашно лекување, додека едно лице со површна повреда од нож во левата лумбална регија исто така е згрижено. Прострелна повреда во пределот на лактниот зглоб е регистрирана кај пациент од Скопје, при што настанот се случил во Прилеп, а лицето е подготвувано за оперативно лекување.
Голем број повреди биле предизвикани и од пиротехнички средства. Вкупно 20 пациенти биле примени на Клиниката за пластична хирургија, а две деца на возраст од 12 и 13 години се згрижени на Детска хирургија со планирано оперативно лекување. На Клиниката за трауматологија е примен и 69-годишен пациент со повреди на левата подлактица и шака од пиротехника, додека три лица со полесни повреди се пуштени на домашно лекување.
Лекарите предупредуваат дека бројот на повредени за време на новогодишната ноќ е значително поголем во споредба со претходните години, а дел од случаите се поврзани со алкохолизирана состојба. Истражните органи ги утврдуваат околностите за потешките инциденти, додека здравствените работници апелираат за претпазливост и внимателност при празничните прослави.

