Skip to main content
Економија

УЈП: Потпишан трипартитен договор за целосна примена на Законот за работно ангажирање на лица

31/12/2025  11:10

На 30 декември 2025 година во просториите на Управата за јавни приходи – Генерална дирекција Скопје, беше потпишан Трипартитен договор за развој и надградба на веб-сервиси и информациски системи, со кој се воспоставува клучната дигитална и институционална инфраструктура за целосна примена на Законот за работно ангажирање на лица („Службен весник на РСМ“ бр. 104/25).

Договорот е потпишан помеѓу:

  • Министерството за финансии – Управата за јавни приходи, како краен корисник и управувач со системот за наплата на даноци и придонеси,
  • Центарот за истражување и креирање на политики – ЦИКП Скопје, како спроведувач на проектот „Подобри услови за вработување на сезонските работници во Република Северна Македонија“,
  • Друштвото за истражување и развој во техничките и технолошките науки УЛТРА ДОО Скопје, како изведувач на техничкото и софтверското решение.

Овој договор претставува пример за функционално и одговорно партнерство помеѓу јавниот сектор, граѓанското општество и приватниот технолошки сектор, со заедничка цел создавање модерен, ефикасен и правично уреден систем на работно ангажирање.

Стратешката улога на институциите е од суштинско значење за реализацијата на овој договор.

Министерството за финансии, преку Управата за јавни приходи, ја има клучната улога во воспоставување стабилен и сигурен систем за пресметка и наплата на даноци и придонеси, со што се обезбедува фискална дисциплина, еднаков третман на сите учесници на пазарот на труд и заштита на јавниот интерес.

Министерството за труд и социјална политика, како носител на политиките за труд и социјална заштита и институција надлежна за креирање на Законот за работно ангажирање на лица, преку имплементацијата на овој систем обезбедува суштинска заштита на работниците, формализација на работните односи и јакнење на социјалната сигурност, особено за сезонските, повремените и привремено ангажираните лица.

Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, како составен дел од овој систем, обезбедува евиденција на пријава и одјава на работно ангажирани лица, со што се воспоставува целосен, интегриран и интероперабилен институционален механизам.

Со потпишувањето на договорот директно се реализира обврската утврдена во член 26 став (3) од Законот за работно ангажирање на лица, со кој е предвидено дека системот за евиденција на работно ангажирани лица и надградбата на системот за наплата на даноци и придонеси мора да се воспостават најдоцна до 1 јануари 2026 година.

Со ова, институциите демонстрираат високо ниво на координација, навременост и одговорност во спроведувањето на законските решенија.

Особено се нагласува и значењето на другите две договорни страни:

Центарот за истражување и креирање на политики – ЦИКП Скопје, како спроведувач на проектот, обезбедува стратешка, аналитичка и координативна поддршка, гарантирајќи дека техничките решенија се усогласени со јавните политики, законските цели и европските стандарди, со донаторска поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ GmbH).

УЛТРА ДОО Скопје, како изведувач, обезбедува високо-квалитетно техничко решение, развој на безбедни и интероперабилни веб-сервиси, интеграција на институционалните системи и пренос на знаење, со што се зајакнуваат долгорочните капацитети на државните институции.

Со овој договор, државата испраќа јасна и недвосмислена порака дека реформите во областа на трудот и јавните финансии не се декларативни, туку реални, применливи и технолошки поддржани. Формалната економија, заштитата на работниците, фер конкуренцијата и дигиталната трансформација се заедничка одговорност и заеднички интерес.

Овој чекор претставува темел за одржлив, транспарентен и европски ориентиран систем на работно ангажирање, во кој правата и обврските се јасни, а институциите дејствуваат координирано и во служба на граѓаните