
Пишува: Мирослав Трлин, дипломиран економист во пензија
Долго време живеевме како жабата од познатата приказна — во вода што незабележливо се загрева, додека полека се навикнуваме на сѐ полоши услови. Тоа е нашата внатрешна стагнација, нашата тишина, нашето откажување од промена. Многумина од оние што го напуштија својот дом ја покажаа вистинската приспособливост: тие ја согледаа реалноста, презедоа акција, се прилагодија на новата средина и продолжија да напредуваат. А ние што останавме често заличуваме на жаби — навикнати на постепено загревање, трпиме неправди, корупција и институционална слабост, и само гледаме како времето поминува.
Но вистинското приспособување не значи да се навикнеш на топлата вода. Вистинското приспособување значи да станеш подобар, посилен и подготвен за следниот чекор. Денес мора да зборуваме за друга филозофија: не како да избегнеме да бидеме „варени”, туку како да се создаде критична маса која ќе изгради држава во која граѓаните ќе се чувствуваат како свои на своето, а не како маргинализирани и искористени. Приспособувањето значи интеграција, реална процена на состојбата и проектирање на остварливи цели, не затворање во изолација.
Долги години живеевме со илузијата дека можеме да бидеме сами, изолирани, и сепак успешни. Но светот одамна е поврзан. Успеваат оние кои се интегрираат, кои се отворени, кои градат партнерства и кои самите се стремат кон подобро управување, подобри стандарди и повисока конкурентност. Како во спортот, само тимовите што навистина се подготвени можат да влезат во повисока лига. Не е доволно да се сака. Не е доволно да се жали. Мора да се одигра.
Ни треба искреност: да признаеме каде сме слаби, каде сме изгубиле време, каде сме се самозатвориле во стравови, митови или во политички удобни приказни. Приспособувањето не е слепо наведнување, туку храбра анализа: ова го можеме, ова не го можеме, ова мора да го смениме, ова мора да го научиме. Без реална процена — нема напредок. Без признавање на реалноста — нема иднина.
Македонија мора да престане да живее во паралелни реалности. Вистинската ориентација кон иднината значи реформи кои не се на хартија, туку во институции, интеграција во европското семејство со реални подготовки, стандарди кои не се „туѓи”, туку норма за нормален живот, држава што е отворена, а не исплашена, економија што учи да конкурира, а не да преживува.
Дарвиновата мисла погрешно се толкува како борба на најсилните. Но вистинската мудрост е дека напредуваат оние што се учат, се менуваат и се движат кон целта. Македонија мора да стане токму таков организам. Да престане да лежи во топла вода и да почне да тренира за поголема лига.
Изборот е наш. Или ќе останеме изолирани, затворени во сопствените навики, и ќе се вариме додека не исчезнеме, или ќе се приспособиме во вистинска смисла — со интеграција, со визија, со реални цели и со храброст да влеземе во повисока цивилизациска лига. Не опстануваат најсилните. Опстануваат — и напредуваат — оние што знаат да се движат напред.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

