Skip to main content
Македонија

За Нова година ќе имаме екстремно ниски температури

30/12/2025  08:03

Метео анализа на Славчо Попоски:

Територијата на Македонија од вечерва  и на дочекот на новата 2026 година, како и по полноќ 31 декември 2025 година/ 1 јануари 2026 година и на 1 јануари 2026 година наутро ќе биде под влијание на многу ладен бран од север и истиот ќе услови да имаме многу ниски температури на воздухот кои ќе бидат проследени со повремено засилен ветер од северен правец кој повремено и локално ќе достигнува брзина од над 60 км/час.

Вечерва  и во текот на ноќта кон утрешниот ден 31 декември (Среда) ќе има повеќе облачност во Македонија  и локално ќе провејува слаб снег. Слабо провејување на снег локално ќе има и во текот на утрешната вечер  и тоа на дочекот на новата 2026 година.

Што се однесува до температурите тие ќе бидат многу ниски и ќе биде многу ладно како што претходно кажав и насекаде во Македонија температурите ќе бидат под нулата со што ќе има појава на слана  и на мраз. Наутро температурите ќе се спуштаат во интервалот од -13 до -4 степени а особено на повисоките населени и планинските места температурата ќе се спушти до околу -15 степени особено утре наутро (31 декември среда) како и за нова година (рано наутро 1 јануари 2026 година).

Мора да напоменам дека  и утрешниот ден (Среда 31 декември) ќе биде многу ладен и температурите  и преку ден на повеќе места ќе останат под нулата. Односно максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од -4 до 4 степени.

Се на се пред нас е многу ладно време со многу ниски температури на воздухот, па секако доколку излегувате задолжително со вас ќе биде потребна топлата облека. Задолжително со вас треба да си понесете капа, шал и нараквици за да се заштитете од многу ладното време кое го очекувам за нова година.