Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска и утре ќе престојува во дводневна посета во Република Србија по повод меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“.
Мицкоски денеска попладне ќе има одвоени средби со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, а потоа и со српскиот премиер, Милош Вучевиќ.
Во состав на македонската делегација по повод третиот меѓународен саем ќе бидат Љупчо Димовски заменик-претседател на владата за политички систем, Иван Стоилковиќ, заменик-претседател на владата и министер за односи меѓу заедниците, Игор Јанушев, генерален секретар на владата на Република Северна Македонија, Зоран Љутков, министер за култура и туризам, Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Горан Минчев, министер за јавна администрација и Максим Димитриевски, градоначалник на Општина Куманово.
Премиерот Мицкоски ќе има обраќање на отворањето на настанот, по што ќе следува прошетка низ саемот.
Вечерва Мицкоски и Амбасадорот на Република Северна Македонија во Република Србија, Никола Тупанчевски, ќе имаат свои обраќања на македонската вечер што ќе се одржи во хотелот Хајат.
На третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ што се одржува во Белград од 22-24 ноември ќе бидат претставени 650 изложувачи од 38 земји. Покрај тоа, посетителите ќе можат да уживаат и во Гастро театарот – презентација на најдобрите ресторани и хотели од Србија, Северна Македонија и Албанија, каде што ќе се подготви комплет мени од три јадења во комбинација со вина избрани од најдобрите сомелиери од Србија.
Оваа година од Северна Македонија на саемот во Белград ќе учествуваат 80 винарии и дестилерии, 6 изложувачи на храна и ресторан со 3 готвачи.
Еден од најатрактивните сегменти на саемот ќе биде доделувањето на „ Винскиот трофеј на Отворен Балкан“, што ќе се одржи на 23 ноември. Тогаш ќе бидат прогласени најдобрите вина на фестивалот, а жирито составено од 26 меѓународни вински експерти, меѓу кои и шестмина носители на титулата „Мастер на виното“, ќе оцени речиси 1,000 примероци вино. Ќе се оценуваат вината од Србија, Северна Македонија, Албанија и други балкански земји, а најдобрите примероци ќе бидат наградени со златни, сребрени и бронзени медали.
Исто така, за вината на членовите на Иницијативата Отворен Балкан ќе бидат доделени национални Гости на Белград ќе бидат и лидерите на кулинарската и прехранбената индустрија: британскиот готвач и амбасадор на британската кујна Алан Коксон, главниот готвач и сомелиер Драган Униќ, вториот потпретседател на Светската асоцијација на мајстори на готвачи Даниел Ајтон, познатиот италијански готвач Џанлука Томази, како и директорот на Кулинарската олимпијада Даниел Шаде.
Централното место на Белградскиот саем ќе го заземе заедничкиот штанд на трите национални туристички организации на земјите од Отворен Балкан, каде заеднички ќе ја презентираат туристичката понуда и културното наследство на сите три земји.