Skip to main content
Македонија

11 години затвор за моторџијата што прегази пешак на кејот на Вардар и побегна

29/12/2025  16:16

Основниот кривичен суд Скопје денеска му изрече казна затвор во траење од 11 години на 25-годишниот Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава, управувајќи мотоцикл „Кавасаки“ по пешачка патека на кејот на реката Вардар, го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски и го напуштил местото на несреќата.

Покрај затворската казна, на обвинетиот му е изречена и забрана за управување со моторно возило од А категорија во траење од пет години, која ќе започне да се применува по правосилноста на пресудата.

Судот го прогласи Љури за виновен за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 297 став 1, во врска со член 300 став 2 од Кривичниот законик.

Според утврдената фактичка состојба, обвинетиот управувал мотоцикл без регистарски таблички и без возачка дозвола по пешачката патека на улицата „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, површина наменета исклучиво за движење на пешаци. Притоа се движел со брзина од околу 35 километри на час и со страничниот дел од мотоциклот удрил во пешакот Југослав Николовски.

Од здобиените тешки телесни повреди на главата и мозокот, Николовски подоцна починал во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.

Во образложението на пресудата, судијката Снежана Марковска истакна дека делото е сторено со евентуална умисла, имајќи предвид дека обвинетиот бил свесен оти со движењето по пешачка патека грубо ги крши сообраќајните прописи и дека со таквото однесување може да предизвика тешки последици.

– При одмерувањето на казната, согласно член 30 став 2 и 3 од Кривичниот законик, судот ги ценеше степенот на кривичната одговорност, начинот и околностите под кои е сторено делото, однесувањето на сторителот пред и по настанот, како и последиците врз оштетените и нивното семејство. Отежнителните околности ѝ даваат на ова дело потежок облик, наведе судијката Марковска.

Судот дополнително го оценил и интензитетот на прекршување на законските забрани, при што посочил дека умислата ја засилува противправноста на дејствието. Земени биле предвид и исказите на членовите на семејството на починатиот за трајната загуба и нарушениот семеен живот.

Во изречената казна затвор на обвинетиот му се пресметува и времето поминато во притвор, а тој е задолжен и да ги плати трошоците на кривичната постапка. До правосилноста на пресудата, Судот му ја продолжи мерката притвор на Љури.

Против оваа првостепена пресуда дозволена е жалба во рок од 15 дена до Апелациониот суд Скопје.