Skip to main content
Свет

16 загинати во дом за стари лица во Индонезија

29/12/2025  09:04

Во пожар што избувнал во дом за стари лица во Индонезија, ноќта меѓу сабота и недела загинаа 16 лица, соопшти локалната полиција.

Според официјалните информации, пожарот зафатил едноспратна зграда во градот Манадо, во провинцијата Северен Сулавеси, додека станарите спиеле. Петнаесет лица загинале во пожарот, додека телото на уште една жртва не било директно зафатено од огнот.

Петнаесетмина преживеани се пренесени на лекување во две болници во Манадо. Пожарникарските екипи се бореле со огнената стихија повеќе од два часа, а во спасувачката акција се вклучиле и локални жители, кои помогнале да се извлечат неколкумина од корисниците на домот.

Во првичниот полициски извештај како можна причина за пожарот се наведува дефект на електричната инсталација, но надлежните институции подоцна соопштија дека истрагата е сè уште во тек и дека точната причина допрва ќе се утврдува.