
После големите светски премиери во Њујорк и Лондон, македонскиот кандидат за Оскар, „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска, конечно ќе ја види својата домашна публика. Свечената премиера е закажана на 4 јануари (недела) во 20.30 часот во Македонскиот народен театар. МНТ за првпат ќе биде домаќин на ваква филмска промоција, каде ќе присуствува целата екипа зад едно од најзначајните дела во македонската кинематографија.
Филмот веќе ја освои светската сцена – од меѓународни фестивали до откуп од National Geographic. Светските критичари го опишуваат како „триумф“, „апсолутен шармер“ и „импресивно дело“, со пофалби за деликатната врска на човечкиот живот со природата во Македонија. „Приказната за Силјан“ е визуелно моќен и медитативен документарец за издржливост, грижа и малите дела кои менуваат животи. Во срцето на рурална Македонија, земјоделецот Никола наоѓа ранет бел штрк на депонија и одлучува да му помогне.
Нивниот кревок однос се претвора во спасоносна врска која му враќа смисла на Никола, ја обновува врската со заедницата и ја буди љубовта кон природата. Режисерка е Тамара Котевска (позната по „Honeyland“), кинематограф Jean Dakar, продуценти Anna Hashmi, Тамара Котевска, Jean Dakar и Јорданчо Петковски, а музиката ја потпишуваат Joe Wilson Davies и Hun Oukpark од студиото на Hans Zimmer. Билетите ќе бидат пуштени во продажба на 29 декември преку платформата drugastrana.mk, а по премиерата филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ другите македонски градови.

