
Неквалитетната услуга, промена на условите во претплатничките договори, високи сметки и раскинување на договор со наплата на казнени пенали се меѓу најчестите причини поради кои граѓаните минатата година се обратиле до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за решавање на спорови. Според информациите од АЕК, годинава пристигнале 346 барања за решавање спор, во споредба со 363 регистрирани во 2024 година. Од донесените одлуки, 45 биле целосно усвоени, 14 делумно, 40 предмети се затворени по интервенција од операторите, а 109 се одбиени. Останатите барања биле непотполни, повторно поднесени или АЕК не била надлежна за нив, па биле отфрлени.
– Граѓаните ги користат механизмите за заштита кои ги обезбедува АЕК, велат од регулаторното тело.
За 2026 година, клучни новини на пазарот се очекуваат со влез на трет мобилен оператор, пуштање во функција на телекомуникациската кула на Водно и воведување на T-DAB. АЕК оценува дека 2025-та била позитивна година за развојот на пазарот на електронски комуникации, со сите квартално објавувани параметри кои покажуваат растечки тренд. Операторите веќе нудат пристап преку 5G со просечна брзина од околу 340 Mbps во градовите, што ги исполнува целите од Националниот оперативен бродбенд план и националната ИКТ Стратегија СМАРТ/МК 2030.
– АЕК ги спроведува обврските од НОБП и веќе се постигнати таргетите кои беа предвидени за 2029 година. Операторите обезбедуваат просечна брзина од 340 Mbps во градовите и околу 120 Mbps на патиштата, иако целта за 2029 е минимум 100 Mbps. Ова ја сместува Македонија меѓу првите 5-10 држави во Европа според квалитетот на мрежите, велат од АЕК.

