
Демократската унија за интеграција најостро го осудува нечовечкиот, понижувачки и дискриминаторскиот третман на 76 вработени во Министерството за меѓуетнички односи, сите Албанци, кои биле повикани на работа и сместени во канцеларии без минимални човечки услови и без какви било работни задачи, се наведува во соопштението на ДУИ.
Десетиците жени и мажи биле сместени во три простории без столчиња, работни маси, компјутери или други елементарни средства, принудени да стојат од 08:00 до 16:00 часот, што, според ДУИ, претставува институционален мобинг и психолошка тортура. Фактот дека вработените морале да седеат на подот и да користат ќебиња од дома за да го преживеат работниот ден, ДУИ го оценува како „државен срам“ кој ја нарушува човечката достојност и ги крши сите законски, морални и европски стандарди.
Реакцијата следи откако беше објавено видео со душеци како импровизирани кревети и апарати за приготвување чај и тостови во Министерството. Вицепремиерот и ресорен министер Иван Стоилковиќ, пак, тврди дека просторијата ја користеле службеници кои биле отпуштени и оти по „документирањето на состојбата“ тие биле „испратени да си спијат дома“.
