
Во период од последните четири години, околу 10.500 граѓани на Република Турција поднеле апликации за добивање македонско државјанство врз основа на македонско потекло, објави Радио Слободна Европа.
Од Министерството за внатрешни работи појаснуваат дека станува збор за лица кои во надлежните институции доставуваат докази дека потекнуваат од Македонија и припаѓаат на македонскиот етнички корпус. Според МВР, наглото зголемување на бројот на барања е директна последица на измените во Законот за државјанство, усвоени во 2021 година, со кои се олесни постапката за иселениците, особено за оние што живеат во Турција.
Паралелно со ова, се зајакнува и економската соработка меѓу двете држави. Податоците на Македонско-турската стопанска комора МАТТО, доставени до РСЕ, покажуваат дека во текот на 2024 година биле регистрирани 4.132 компании со турски капитал, основани од физички и правни лица. Од Комората наведуваат дека ваквиот тренд е резултат на долгогодишните добри односи и блиската соработка меѓу Македонија и Турција.

