Skip to main content
Свет

50 возила се судриле во верижен судир во Јапонија, има и загинати

27/12/2025  13:08

На експресниот автопат Кан-ецу во префектурата Гунма, северозападно од Токио, доцна синоќа се случи масовен верижен судир во кој учествувале повеќе од 50 возила. Според официјалните информации од јапонската полиција, најмалку едно лице го загубило животот, а 26 лица се повредени, од кои неколку се во сериозна состојба.

Несреќата се случила во услови на силен снег и лизгав коловоз, кога товарно возило удрило во друго возило кое застанало на патот, по што следувала верижна реакција со автомобили и камиони кои не успеале навреме да закочат. Судирите се протегале на делница долга неколку стотини метри.

Дел од возилата се запалиле, а на местото интервенирале бројни противпожарни и итни служби. Автопатот бил затворен во двата правци со часови, додека траело гаснењето на пожарите, извлекувањето на повредените и расчистувањето на патот.

Полицијата соопшти дека истрагата е во тек, а возачите биле предупредени на екстремно опасни зимски услови, со можност за нови сообраќајни блокади во регионот.