Skip to main content
Свет

Силен руски напад со суперсонични ракети врз Киев

27/12/2025  08:00

Во ноќта на 27 декември, Киев беше погоден од масивен балистички ракетен напад, во кој Русија лансираше неколку хиперсонични ракети „Кинжал“, балистички ракети „Искандер“ и крстосувачки ракети „Калибр“ кон главниот град на Украина. Најмалку пет лица беа повредени во нападот, а тоа се случува во пресрет на клучната средба меѓу претседателот Володимир Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп, пишува „Киев Индепендент“.

Неколку експлозии се слушнале низ главниот град, а прекини во електричната енергија се случиле во градот Бровари, на околу 20 километри од Киев, и околните области. Градоначалникот Виталиј Кличко извести дека најмалку пет лица се повредени во Киев. Пожар избувнал во градскиот округ Холосиевски, додека остатоци паднале во областите Оболонски и Десњански.

Штети се регистрирани и во близина на Киев. Во Вишгород, оштетени се прозорците на повеќекатна зграда, додека во областа Бориспиљ, оштетени се неодреден број магацини и два автомобили, потврди гувернерот на Киевската област Микола Калашник, додавајќи дека критичната инфраструктура повторно била цел на напади.

Во одделен напад во регионот Ивано-Франкивск во западна Украина, едно лице е повредено и однесено во болница.

Како одговор на големиот руски напад, Полска ги мобилизираше своите воени авиони преку ноќ, соопштија полските вооружени сили. Во меѓувреме, украинските воздухопловни сили предупредија за континуирана закана од руски беспилотни летала и ракети низ целата земја.