
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши увид во продолжувањето на градежните активности на улицата „Љубљанска“, со што по долг прекин повторно се активира проектот за ставање во функција на мостот во општина Карпош.
Проектот беше во застој поради потребата од дополнителни дозволи поврзани со заштитата на археолошкиот локалитет „Скупи“, но по нивното обезбедување, градежните работи ќе продолжат со засилен интензитет. Со поврзувањето на улиците „Љубљанска“ и „Скупи“, ќе се воспостави нова сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на градот, што се очекува значително да го растовари сообраќајот на булеварите „Партизански одреди“ и „Илинденска“.
,,Нашата цел е намалување на сообраќајниот метеж, целосна заштита на културното наследство кај локалитетот Скупи и обезбедување безбеден и ефикасен проток за возила и пешаци. Унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура е еден од нашите врвни приоритети, затоа што директно значи подобар квалитет на живот за сите. Скопјани заслужуваат функционален, поврзан и модерен град” – напиша градоначалникот на фејсбук.

