Skip to main content
Македонија

По месеци мака украден тутун – Земјоделец апелира за пронаоѓање

23/12/2025  13:00

Земјоделецот Крсте Дуковски преку објава на Фејсбук јавно алармира за кражба на голема количина тутун, која, како што вели, претставува директен удар врз егзистенцијата на неговото семејство.

Во емотивната објава, Дуковски посочува дека минатата година била најтешката за него и неговата фамилија – товар што, како што наведува, не може да го почувствува никој друг. Оваа година, додава тој, вложиле сè што имале: мака, здравје, пари и трпение, со надеж дека ќе ја надоместат ланската загуба.

„Ова што го гледате на видеата е кражба на голема количина на тутун. Ова е кражба на месеци натчовечки труд, надеж и иднина“, напиша Дуковски.

Тој нагласува дека одлучил да ги објави видеата не од омраза, туку со цел да се разбуди јавната свест и емпатија, како и да се охрабри полицијата што побрзо да ги пронајде сторителите. Воедно, апелира до граѓаните доколку ги препознаат лицата прикажани на снимките, веднаш да ги пријават во полиција.

„Земјоделецот не бара милостина – бара правда и почит за својот труд“, порачува Дуковски, заблагодарувајќи им се на сите што ќе ја споделат објавата.

Случајот повторно го отвори прашањето за безбедноста на земјоделците и заштитата на нивниот труд, особено во период кога многумина се борат за опстанок.