
Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ги обвини САД за сериозно кршење на меѓународното право откако САД пресретнаа танкер за нафта што се упати кон Кина крај брегот на Венецуела.
-Венецуела има право да развива односи со други земји, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан на денешната прес-конференција, додавајќи дека Кина се спротивставува на сите „еднострани и нелегални“ санкции.
Американската крајбрежна стража во саботата пресретна втор танкер за нафта во меѓународни води крај брегот на Венецуела, неколку дена откако претседателот Доналд Трамп објави „блокада“ на сите санкционирани танкери за нафта што влегуваат и излегуваат од Венецуела.
Танкерот „Сенчерис“ бил натоварен во Венецуела под лажното име „Крег“ и носел околу 1,8 милиони барели венецуелска сурова нафта Мереј наменета за Кина, покажаа документите.
Суровата нафта ја купила „Сатау Тиџана Оил Трејдинг“, еден од многуте посредници вклучени во продажбата на венецуелската државна нафтена компанија PDVSA на кинески независни рафинерии, покажуваат документите.
Портпаролката на Белата куќа изјави дека „бродот со лажно знаме“ носел санкционирана нафта и бил дел од тајната флота на Венецуела.
Венецуелската влада го осуди пресретнувањето на танкерот како „сериозен чин на меѓународно пиратство“.
Кина е најголемиот купувач на сурова нафта од Венецуела, сочинувајќи приближно четири проценти од нејзиниот увоз.

