Skip to main content
Македонија

Револт кај сточарите – Ако нема пари, следуваат трактори и блокади

22/12/2025  12:42

Претставници на Сојузот на одгледувачи на овци и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСОМ) денеска протестираа пред Владата, предупредувајќи дека македонското сточарство се соочува со колапс поради неисплатените субвенции. Сточари од целата држава упатија, како што рекоа, последен аларм до премиерот и претседателката, нагласувајќи дека трпението е целосно исцрпено.

„Државата нè заборави, иако Македонија историски била силна сточарска земја. Година дена чекаме субвенции, а за некои гранки две години нема редовна исплата. Баравме средби и со премиерот и со претседателката, но одговор нема. Немаме работници, нема кој да чува стока. Ако не добиеме пари, на 26 декември сите сточари ќе излезат со трактори низ целата држава“, изјави Насер Џемаили.

Сточарите посочуваат дека биле изманипулирани со повеќе ветени рокови кои не биле испочитувани. „Ни беше кажано дека средствата ќе бидат исплатени до 20 декември, но повторно ништо. Чекавме да поминат летото и изборите, ни велеа дека решенијата се потпишани и пратени до Трезор, а пари нема. Ова не е првпат да ни ветат и да не одржат збор, а ние функционираме со огромни потешкотии“, изјави сточарката од Кумановско, Милена Величковиќ.

Од здружението „Современ сточар“ предупредија дека сточниот фонд е веќе сериозно нарушен и дека ова би можела да биде последната генерација сточари во земјата. „Влеговме во 2025 година, а сè уште ги чекаме парите за 2024. Ако до петок не се исплатат субвенциите, ќе следуваат протести како во Грција и блокади на повеќе локации“, порача Марјан Стојановски.

Сточарите потенцираат дека нивната цел не е конфликт, туку остварување на законските права и обезбедување егзистенцијален минимум за своите семејства, предупредувајќи дека без итна реакција од институциите, последиците по домашното производство ќе бидат трајни.