Skip to main content
Економија

Над 25% од енергијата во ЕУ лани била од обновливи извори, во Македонија 21,8%

20/12/2025  17:18

Над 25% од бруто-финалната потрошувачка на енергија во ЕУ лани била од обновливи извори, што е зголемување за 0,7 процентни поени во споредба со 2023 година. Овој удел е за 17,3 процентни поени помалку од исполнувањето на целта за 2030 година (42,5%), што би барало просечно годишно зголемување од 2,9 процентни поени од 2025 до 2030 година. Во Македонија енергијата од обновливи извори во вкупно потрошената енергија лани учествува со 21,8 проценти, што е зголемување од 1,6% во однос на претходната 2023 година.
 
Од земјите во регионот, според податоците на Евростат, најмногу енергија од обновливи извори лани користеле Албанија (43,1%) и Црна Гора (40,8%). Потоа следат Хрватска (26,7%), Србија (25,8%), Грција (25,3%) и Бугарија (23,2%). 

Меѓу земјите од ЕУ, повеќе од 75% од потрошената електрична енергија во 2024 година била генерирана од обновливи извори во Австрија (90,1%), Шведска (88,1%) и Данска (79,7%). Потрошувачката на електрична енергија од обновливи извори била висока и во Португалија (65,8%), Шпанија (59,7%), Хрватска (58,0%), Латвија (55,5%), Финска (54,3%), Германија (54,1%), Грција (51,2%) и Холандија (50,5%), сите тие учествувале со повеќе од половина од потрошената електрична енергија. На другиот крај од скалата, уделот на електричната енергија од обновливи извори бил помал од 25% во Малта (10,7%), Чешка (17,9%), Луксембург (20,5%), Унгарија и Кипар (двете со 24,1%) и Словачка (24,9%). 

Во Македонија лани 40% од вкупно потрошената електрична енергија била произведена од обновливи извори. Тоа е раст од речиси 8 проценти во однос на 2023, кога струјата од обновливи извори учествувале со 32 отсто во вкупно потрошената енергија. Земјава има постојан раст во последните 20 години во уделот на обновливата енергија во вкупно потрошената електрична енергија, од 14,5 проценти во 2004 година, на 19,2% во 2014 година, на 40,07% во 2024 година.