Skip to main content
Македонија

Протест за чист воздух – Граѓанска акција против Усје

20/12/2025  16:53

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ најави граѓанска блокада во четврток, 25 декември, со почеток во 18:00 часот, на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во Скопје.

Од иницијативата информираат дека протестот е реакција на, како што наведуваат, долгогодишното жртвување на јавното здравје на граѓаните во корист на профитни интереси, при што институциите, според нив, со години не преземаат соодветни мерки.

Покрај блокадата, најавена е и прес-конференција на која јавно ќе бидат презентирани конкретни барања до надлежните институции. Целта на протестот, според организаторите, е конечно и трајно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, за кое тврдат дека е директно поврзано со работењето на Цементара Усје.

Од „Стоп за Усје“ порачуваат дека блокадата е замислена како мирен, но решителен протест против, како што велат, континуираното загадување и труење на жителите на главниот град.

– Наместо институционална реакција и санкционирање, сведоци сме на игнорирање на алармантни податоци, неделување и прикривање на одговорноста – соопштуваат од Иницијативата.

Тие додаваат дека пораката на протестот е јасна и недвосмислена – граѓаните повеќе нема да молчат и нема да дозволат здравјето на луѓето да биде жртвувано на сметка на економски и бизнис интереси.