
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, на денешниот Конгрес на партијата во Скопје најави нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во последните 34 години. Ахмети предложи и воведување на „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.
Лидерот на ДУИ истакна дека иницијативите имаат за цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.
– Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само доколку се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Во таа насока, предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Рамковниот договор од Охрид. Прво, избор на Владата со двојно мнозинство, односно извршен Бадентер; Секој нов состав на Владата да ја добие довербата на Собранието не само со мнозинство од вкупниот број пратеници, туку и со мнозинство од пратениците кои ги претставуваат немнозинските заедници, смета Ахмети.
Втората мерка, како што наведе, е примена на Бадентеровиот принцип и во Уставниот суд. Тој оцени дека законите донесени со двојно мнозинство во Собранието не треба да можат да бидат поништени без двојно мнозинство и меѓу уставните судии, за што најави можни уставно-правни измени.
Како трета мерка, Ахмети го посочи продлабочувањето на децентрализацијата и јакнењето на локалната самоуправа преку поголема финансиска автономија на општините и правична распределба на даночните и таксените приходи.
Во делот за владеењето на правото, лидерот на ДУИ изјави дека партијата ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, процесот на приватизација и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека правдата не смее да биде селективна.
Ахмети порача дека „Националниот договор за напредок“ треба да обедини експерти и претставници на сите заедници околу заедничка визија за државата, а упати и повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во процесот на градење европска иднина.
На Конгресот, партијата усвои четири резолуции – за зајакнување на унитарниот карактер на државата и консолидирање функционална еднаквост, за владеење на правото, независното судство и враќање на довербата во институциите, за национален договор за напредок и одржливиот развој на државата и за европската интеграција.


