
Специјална новогодишна театарска претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ започнува денеска, 30 декември, на Железничката станица во Скопје со почеток од 19 часот. Претставата ја организираат Училиштето за театар „Од игра до претстава“, Македонски железници – Инфраструктура и Македонски железници АД – Транспорт. Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија со неговиот волшебен воз низ различни локации: музејската постановка на Македонски железници, театарската претстава во салон и посета на волшебниот воз, каде секој посетител ќе добие подарок од Дедо Мраз.
– „Како куриозитет, годинава во соработка со МЖ Транспорт го имаме и легендарниот воз „Шпанец“, неодамна реставриран, во кој се пренесува новогодишната волшебна магија. Посетителите ќе може да патуваат низ Скопје и да другаруваат со ликовите од претставата. Претставата ги следи патешествијата со кои се соочува Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица, а неговото доаѓање е неизвесно – му треба помош од неговите елени, џуџиња, Снешко и најмногу од обожавателите, децата“, велат од „Од игра до претстава“ и ЈП Македонски железници – Инфраструктура и Македонски железници АД – Транспорт.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, додека текстот и режијата се дело на Игор Ивковиќ. Музејската изложба користена во проектот е авторска работа на Ванчо Милошевски. Во претставата играат актерите Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова и Александар Спироски, како и околу 40 ученици од училиштето за театар „Од игра до претстава“. Визуелното обликување е доверено на Бранкица Јордановска во соработка со Горан Сачкарски. Музиката е авторско дело на Драган Илиевски, а монтажата е на Андреј Златаноски. За претставата ќе бидат користени локомотива создадена во 1942 година, серија 33 и вагон од 50-тите години на 20 век, реставриран по урнекот на „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и неодамна реставрираниот воз „Шпанец“ серија 712/714.
Билети може да се купат на билетарницата на Железничката станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервации се можни на dedomrazdojdesovoz@gmail.com или на телефонскиот број 075 295 905.


