Skip to main content
Македонија

Нов едукативен и истражувачки центар на Градежниот факултет во соработка со ТИТАН Усје, во рамки на проектот „Знаење + CO₂ -“

19/12/2025  15:30

На Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје свечено е промовиран нов едукативен и истражувачки центар, формиран во соработка со ТИТАН Усје. Центарот, што е дел од проектот „Знаење + CO₂ –“ – со знаење и иновативност до помалку CO₂, претставува современ едукативен простор наменет за унапредување на наставниот процес и за продлабочување на соработката помеѓу академската заедница и бизнис секторот.

Главниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николау, посочи дека соработка е дел од долгорочна определба на компанијата за обезбедување ефективна поддршката на академската заедница. „Во време на брзи технолошки промени и процеси на декарбонизација, партнерството помеѓу бизнис секторот и универзитетите не е избор, туку неопходност. Преку проектот ‘Знаење + CO₂ –’ сакаме нашите знаења, искуства и иновации да бидат дел од академскиот процес и активно да придонесат за развој на млади, квалитетни кадри и за поодржлива иднина“, истакна Николау.

Истакнувајќи ја континуираната соработка помеѓу ТИТАН Усје и Градежниот факултет, како одличен модел за соработка на бизнисот и науката, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, потенцираше дека ваквите проекти се целосно усогласени со политиките на Владата и Министерството во областа на образованието, науката и одржливиот развој. „Подигнувањето на квалитетот на високото образование и создавањето подобри можности за младите се меѓу нашите врвни приоритети. Соработката меѓу универзитетите и општествено одговорните компании е важен предуслов за задржување на младите во земјата и за создавање современ образовен систем и одржлива иднина“, истакна министерката Јаневска.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Билјана Ангелова, ја нагласи важноста на ваквите партнерства во услови на динамични пазарни промени. „Соработката со реалниот сектор е клучна за современото високо образование. Проекти како овој покажуваат како знаењето, науката и практиката можат да се поврзат во заедничка цел: создавање конкурентни и подготвени млади професионалци“, рече ректорката Ангелова, најавувајќи интензивирање на ваквите иницијативи и во иднина.

По официјалниот дел, присутните имаа можност да го посетат новиот центар и да се запознаат со неговата намена и можностите што ги нуди за студентите и наставниот кадар.

Проектот „Знаење + CO₂ –“, во чии рамки се реализира и оваа соработка, е заедничка иницијатива на ТИТАН Усје и Градежниот факултет при УКИМ, насочена кон унапредување на едукацијата, истражувањето и подигнувањето на свеста за одржлив развој и декарбонизација во градежната индустрија. Проектот се реализира преку три главни модули: Едукативен модул; Модул за истражување и развој; и Модул за подигнување на свеста, вклучувајќи младински натпревари, изложби и други активности.